Во магацин пронајдени 11 никогаш невозени BMW автомобили од 1994 година

Вестите за пронаоѓање вредни класични автомобили кои со децении биле заборавени во некоја гаража воглавно стигнуваат од Америка или западна Европа.

Овој пат таква вест ни доаѓа пд Бугарија, каде во Благоевград е откриена цела мала флота BMW автомобили. Куриозитет е што овие 11 примероци Серија 5 од 1994 година никогаш не биле регистрирани и целосно нови биле оставени да скапуваат во еден магацин.

Се работи за 10 лимузини и 1 караван, повеќето со ознака 520, но и неколку 525. Како што се наведува, автомобилите се набавени во средината на 90-тите за потребите на една рент-а-кар агенција, но од некоја причина никогаш не биле регистрирани ниту возени.

На фотографиите се гледа дека надворешноста на возилата е прилично запуштена и дека некои автомобили имаат површински гребнатинки, додека ентериерот е во добра состојба, а седиштата во некои од автомобилите ги имаат дури и фабричките најлонски навлаки.

Се шпекулира дека автомобилите ќе бидат понудени на продажба.